Што да се направи за поголема сигурност на лифтовите во станбените згради?

Советот на Горан Николовски, од Инспекциското тело за спроведување на технички преглед на лифтови, е доколку станарите се одлучат на реконструкција, најдобриот чекор е да ангажираат инспекциско тело, производител или проектант кој ќе ја увиди состојбата во која се наоѓа лифтот и ќе изработи стручно мислење за подобрување на сообразноста и безбедноста на постоечката техничка опрема во кое детално ќе биде опфатена состојбата во која се наоѓа лифтот и потребните мерки за лифтот да може да ги исполни условите и барањата на новите регулативи. Доколку стручното мислење е изработено од страна на производител или проектант, истото треба да биде одобрено од инспекциско тело.

Во однос на услугите кои може да ги понуди, а кои се во интерес на граѓаните, Инспекциското тело, во согласност со Правилникот, за сопствениците на заеднички и посебни простории во станбените објекти може да понуди:

  • периодичен технички преглед на лифтови (редовен периодичен годишен преглед согласно Правилникот за користење на лифтови и транспортери)
  • вонреден технички преглед на лифтови (се прави по отстранување на недостатоци утврдени при редовниот периодичен преглед)
  • изработување на стручно мислење за подобрување на сообразноста и безбедноста на постоечка техничка опрема согласно Правилникот за користење на лифтови и транспортери.

Како луѓе пак, кои се секојдневно на терен, од „Дака, една од фирмите која се занимава со вградување и одржување на лифтови, велат дека станарите во станбените единици се грижат колку што е тоа во нивна моќ и надлежност, а за редовен месечен сервис и поправка на лифтовите мора да се грижи фирма која со сервисните екипи врши поправки и редовен сервис и укажува на сите недостатоци кои ќе бидат воочени. Сумирано, лифтовите во нашата држава се во очајна состојба, како старите така и новите, бидејќи се вградуваат лифтови непроверени и со сомнителен квалитет. Искуството на „Дака“ говори дека старите постоечки лифтови работат и по 30 и 40 години и се потрајни, додека ново вградените лифтови уште под гаранција се расипуваат.

Според нив, треба да се спроведат законите кои се на сила, а државата повеќе да се заложи пред сѐ за старите и дотрајани лифтови кои во некои згради се и многу опасни и небезбедни за користење и тоа само со мерката - исклучување на технички неисправните лифтови.

Според прирачникот за домување: во случај на константни неправилности при одржување на лифтот, во согласност со Законот за техничка инспекција, сопствениците имаат право да се обратат до Државниот инспекторат за техничка инспекција, кој работите во своја надлежност ги спроведува преку своите државни инспектори.

Државата пак, има донесено Правилник за користење на лифтови и транспортери, каде се поместени сите правила кои мора се почитуваат и тоа не само поради можни казни, туку пред сѐ поради сигурноста, безбедноста и долготрајноста при користењето на овие уреди.

Сите податоци говорат дека состојбата со лифтовите во Македонија не е на задоволително ниво. Станарите задолжително мора де се придржуваат до правилата поставени од произведувачите, сервисерите и државата. Затоа што за нашата безбедност и безбедноста на нашите семејства не треба да замолчуваме доколку забележиме макар и мала неисправност на лифтот.

Ако во јануари 2015 година, преку 80 проценти од лифтовите во земјава се воделе како технички неисправни, а лифтовите се сѐ уште во функција и станарите ги користат, голема е веројатноста оваа состојба да не е променета. Затоа, сигурноста наша и на нашите најблиски не смее да биде загрозена од негрижата за ова превозно средство. Безбедност пред сѐ!

Хабитат Македонија е невладина организација која нуди финансиски решенија за ваквите потреби на граѓаните. Имено, како организација посветена на подигање на стандардот на домување во земјата, посветува дел од своите активности на подобрување на условите за живот токму во станбените згради. На граѓаните и здруженијата на станари им се достапни поволни заеми наменети токму за реновирање на лифтовите и другите заеднички простории во зградите. Имено, со помош на Хабитат веќе се комплетно реновирани два лифта во една од висококатниците на ул. Бојмија во населбата Аеродром. Потсетување за начинот на кој станарите го реализираа реновирањето на овие два лифта ќе најдете на следниот линк: http://www.domuvanje.org.mk/bojmija.php

За domuvanje.org.mk
Пред вас се наоѓа веб страница посветена на домувањето во станбени згради. Веб страницата за домување најпрво започна како Ресурсен центар, оформен како дел од проектот на УСАИД и Хабитат Македонија „Енергетска ефикасност во секторот домување“…
повеќе
Партнери